Архива за категоријата 'Заедница'

петок, август 1st, 2008

За локализацијата

На почетокот на постов напишав дека ќе се обидам да го направам ова најкратко што можам, но излезе малку подолго од она што го очекував. Епа… одиме.

Локализацијата е важен процес со кој што некои луѓе од заедницата се занимаваат веќе скоро цела деценија. Веројатно една од поуспешните и и најодржливи активности на кои што работела македонската заедницата досега.

Се сеќавам дека некаде пред 5-6 години бевме први во регионот по процентот на преведени GNOME, KDE, Fedora и други апликации и дистрибуции. Сето ова е доказ дека ни било важно да локализираме што е можно повеќе слободен софтвер на македонски јазик, за да можат многу поголем број на луѓе да го користат, бидејќи една од првите цели што си ја поставивме кога прв пат седнавме да разговараме за организирано да работиме нешто како заедница беше  подигнувањето на информатичката свест во Македонија. Добро е да се види дека и после 8 и кусур години од тој иницијален собир сме успеале да направиме нешто околу тој првичен муабет.

Покрај неколкуте преведувачки маратони организирани од страна на 2с.мк постојат и луѓе кои што во континуитет во изминативе 4/5/6 и повеќе години работат на преводите на слободниот софтвер кој што доаѓа со повеќето денешни GNU/Linux дистрибуции. Kudos за сите нив, бидејќи воопшто не е лесно да се прати и да се делува во процесот на локализација толку долго време, посебно кога пред неколку години некои од овие луѓе немаа ни интернет врски дома.

Некои луѓе се уште го користат овој софтвер на англиски јазик, но пак јас им велам дека тоа не е за нив, туку за идните генерации, за децата кои што се уште немаат вкоренето навика целиот софтвер што го користат да биде на англиски јазик. Како и да е, тоа воопшто не е важно ако сакате да се префрлите на македонски. Еве јас сум од таа генерација на деца што почнувајќи од DOS, до сите Windows-и па до Red Hat 5.2 имам користено софтвер на англиски јазик, но денес ми е незамисливо да не го користам на македонски. Да не навлегувам повеќе во ова, се работи за навики, а навиките можат да се менуваат.

Да не забегувам од темата премногу. Овој блог планирав да биде повеќе објаснување за сите луѓе претплатени на ossm-members. Бидејќи беа принудени да ме прочитаат во афектна состојба минатата недела, би сакал да дообјаснам некои работи во врска со тоа што го напишав таму.

Како би се чувствувале вие доколку сте работеле волонтерски на нешто 8 години и одеднаш од никаде се појавува некоја фирма (не вреди да им го спомнувам името) и се пријавува да земе пари за дел од онаа работа која што вие сте ја сработиле во текот на тие 8 години? Значи, еве да се вратиме на самиот почеток, кога почнавме немавме многу искуство, со време научивме како се одвива процесот, почнавме да пишуваме упатства, увидовме и поправивме многу грешки во терминологијата, креиравме глосари (речници) со терминологија која што може да се користи од сите преведувачи и во иднина. Значи почнавме од 0 и со тек на време стигнавме до добро организирани тимови со луѓе со искуство кои што можат многу да им го олеснат почетокот на сите нови волонтери.

Сето ова е резултат на неспиени ноќи и луда посветеност кон нешто за кое што сме верувале дека ќе направи промена во иднина.

Новица веќе напиша нешто во врска со ова, но тоа е само top of the Iceberg, овие луѓе продолжија со обидите да ги остварат своите цели и да дојдат до кешот со лажење, сокривање на информации и разни други манипулации и како и по обичај, тешката работа од ваков тип секогаш се исплати во Македонија, така што ќе им се исплати и на нив.

Мислам дека е време во Македонија институциите да се вмешаат во целиот овој процес (иако ако кликнете на врскава ќе видите дека си имаат и други проблеми), во најмала рака да разговараат со искусните луѓе од 2с.мк и заедницата околу тоа како можат да помогнат или пак целосно да ја превземат работата во свои раце, бидејќи некои од овие апликации како што се Firefox, OpenOffice.org, Thunderbird и GNOME веќе се користат во повеќе македонски институции како и во сите училишта во Македонија.

Се двоумам целосно да се откажам од активно оддржување на преводот на GNOME поради зголемените обврски (лични и на работа) но се уште нема кој да му помага на останатиот член на тимот, па доколку има некој заинтересиран слободно нека остави коментар или нека ме контактира.

Се надевам дека доволно детално објаснив некои работи и дека нема да ми замерите зашто реагирав како што реагирав на поштенската листа пред неколку дена.

(Фала Новица што индиректно ме потикна да го напишам ова). :)

недела, јули 6th, 2008

Локализација на GNOME 2.24

До 1ви септември треба да завршиме со локализацијата на новата верзија на работната околина GNOME. Како што поминува времето се помалку и помалку време имам да ги одржувам модулите на кои што работев изминативе 6-7 години, но сепак ќе се потрудам и за оваа верзија да ги средам оние поважните како што се nautilus и rhythmbox. 

Како единствени постојани членови на тимот GNOMK со Јове се договоривме овој пат да завршиме што е можно побрзо со новите низи и повеќе да се фокусираме на подобрување на квалитетот на преводот, значи менување на погрешно преведени термини, поправање на печатни грешки и слично, да ги ставиме во ред некои од термините за кои што дефинитивно сè имаме сложено дека мора да се менуваат (некои од нив според оние во Firefox - кој што може да се издвои како програма со најконзистентен превод на македонски јазик, фала Mozilla.мк!).

Доколку има некој што сака да помогне, може слободно да остави коментар овде или пак да не контактира мене или Јове на било кој друг начин. 

Највеќе помош е потребна околу пријавување и поправање на грешки а овој пат и со неколку дополнителни интересни програми како што се Brasero и F-spot.

GNOME е работната околина која што најверојатно од септември ќе се користи во сите училишта каде што владата стигна да ги проработи компјутерите со Edubuntu, па мислам дека ќе биде доста корисно за сите идни генерации да имаат квалитетно преведена работна околинa (секако доколку се случи машините понатаму да бидат надгрaдени).

PS Најверојатно ја имаме изгубено базата од стариот gnome.linux.net.mk сајт, па доколку има доброволци да помогнат околу изработка на нов сајт за тимот и активностите на кои што работиме нека ме контактираат.

вторник, јуни 17th, 2008

Журка!

Конечно:

  • Прес. √
  • Налепници. √
  • Торта. √
  • Диџеј. √
  • Опрема. √

Утре во Точка во 20:00, да го прославиме излегувањето на Firefox 3.

Голема благодарност до сите што го овозможија ова издание на македонски, како и до сите што помогнаа да се организира забавата.

И не заборавајте да го преземете Firefox 3 за некој час!

четврток, јуни 12th, 2008

Нивната кирилица

Требаше да го напишам ова уште пред две недели кога бев буквално шокиран од она што го збореа и она што планираат да го прават луѓето позади кампањата „Мојата кирилица“ и експертите пред умирање што ги имаа собрано на трибината на која што требаше да се зборува за „Кирилицата и информатичката технологија“. Велам требаше бидејќи се збореше сè, само не за реалните проблеми со кои што се соочуваме кога станува збор за кирилицата и информатичката технологија.

Најголемиот проблем е тоа што сите они ни од далеку не го разбираат проблемот. А ако не го разбираш проблемот, како ли ќе го решаваш?!

Многу добро прашање, заебана ситуација, ама ете они си имаат увртено у глава дека ќе напраат поубава замена за Mac C Swiss и со тоа решиле сè.

Да почнам од почеток за трибината. Дојде министерот за информатичко општество, даде изјава: Владата ја поддржува оваа кампања и ќе направи се што може за да се реализираат целите, бла бла бла… Стана си отиде човекот, не знам дали поради тоа што беше свесен со кој си има работа и сакаше побрзо да избега од нив или пак едноставно му рекле да се појави и да си оди.. како и да е, си отиде. Дискусијата продолжи. Збор почнаа да добиваат разни писатели, уметници, професори што воопшто се сомневам дека имале некаков контакт со компјутери, далеку од тоа дека беа експерти за кирилица и ИТ. Некој си писател читаше 5 страни поезија.. „О кирилицо наша убава, ти си нашиот идентитет, ти си ни сè без тебе изгинавме“ - времетраење: 15 мин, луѓе почнаа у несвест да паѓаат. Потоа се збуфтаа уметниците со некоја фаца теткица од институтот за македонски јазик која што дошла да им каже на сите да си ја гледаат својата работа, али успат да ги консултирале нив за сè што прават, иако вратата им е затворена за секој надвор од нивниот смрден институт - тоа се докажа и на самата трибина кога една професорка спомна дека кога сакала да сорабутва со нив на некој проект ја изигнорирале, истото им се има случено на разни поединци и организации така да мислам дека ви е јасно колку се отворени за соработка мангите од институтот.

Карши нас, претставници на Мајкрософт Македонија, (фор д рекорд: партнери во кампањата!), кои што воопшто не се свесни (или можеби ги заболе) за проблемот со системската кирилица во нивните производи. Значи вистинскиот проблем, проблемот што го има системска поддршка за кирилица во Microsoft Windows (2000/XP/Vista) е реалниот проблем кој што го има Македонија со информатичката технологија и кирилицата и тоа е проблемот што треба да го решаваме. Проблемот е дека системската поддршка за кирилица на Windows не ги поддржува сите знаци од македонската азбука и факт е дека Micorsoft воопшто не се потрудил да го реши овој проблем.

Од друга страна пак, Слободен софтвер Македонија досега во неколку наврати укажа дека овие проблеми се решени во GNU/Linux, системската поддршка е целосна, и без проблеми можат да се користат сите знаци од македонската азбука, било тоа да се печатени или ракописни букви.

Значи една дистрибуција на GNU/Linux како што е Ubuntu, за 0 денари го имаше решено проблемот на информатичката технологија и кирилицата уште пред воопшто да им текне на двајца диносаоруси да организираат кампања за решавање на проблемот со кирилицата во Македонија.

На трибината отидов со Дамјан кој како претставник на 2с.мк беше дојден да го презентира решението за кирилицата во слободниот софтвер. 15 мин презентација за повторно да се вратиме назад на бош муабетите за идентитетот, кој бил поважен, дали уметниците или јазичарите и други дебилни теми кои што не одалечија од темата и од она кое што го претстави Дамјан како решение на реалниот проблем.

Ќе правиме фонт, како пред 15 години, и таму и ќе се вратиме со него.

Го пишувам ова за да се знае дека позади оваа кампања не стојат луѓе со здрав разум и свест за идентификување и решавање не реалните проблеми. За жал тоа се луѓе од една генерација која што најверојатно треба да изумре за да можеме да направиме нешто добро за нас.

понеделник, јуни 9th, 2008

Пишувај и добиј маичка „Ubuntu за Македонија“!

Слободен софтвер Македонија доделува 20 Ubuntu маички на сите оние кои што ќе исполнат барем еден од двата услови наведени подолу:

1.
Да решите 2 постоечки проблеми на форумот или пак да напишете 4 решенија за постоечки проблеми во последната верзија на Ubuntu (Hardy). Не е важно како ќе го направите тоа, значи можете да напишете целосно ваше решение, да го преведете од некој странски форум или сл.

2. Да напишете 1 детално упатство за извршување на одредени задачи на Ubuntu (пр. компајлирање на кернел, поставување на Ekiga, поставување на Evolution, инсталирање на додатни апликации, печатење/уредување/спремање презентации во OpenOffice.org итн.). Едноставни упатства од типот на „манипулација со датотеки (копирање, бришење, креирање датотеки)“ нема да се сметаат за доволни.

Еве и како изгледа маичката:

Повеќе информации на форумот.

Со среќа! :)

PS Оние од вас што ја следат поштенската листа на ossm-members знаат дека викендов поднесовме апликација за регистрирање на македонски локален ubuntu тим. Повеќе за ова можете да прочитате тука. Секако, сите заинтересирани се добредојдени да му се приклучат на тимот.

четврток, мај 29th, 2008

RevolutionOS во Точка - Афтермат

Освен јас, Миша, Стама, Новица, Дамјан и Владо не дојде никој. Сите го имаме гледано филмот по 50 пати. Требаше да дојдете и да донесете некој со вас. Сите што го читате постов а не дојдовте - тапа сте! А се кладам дека ќе доевте ако имаше бесплатно пиво… тука ја имаме утнато работата.

вторник, мај 27th, 2008

RevolutionOS во Точка - 28.05.08

Конечно. Трубам две години да се пушти филмов во Точка па и на СЗ претходно, не за оние што веќе знаат што е слободен софтвер туку за оние што не знаат.

revolutionos.jpg

Филмот е одличен, лесен за разбирање, содржи се што ви треба за да разберете what is all the fuzz about. Значи ако ве интересира што е слободен софтвер, зашто е корисен за светот, дали програмерите што пишуваат слободен софтвер добиваат плата и како функционира сето тоа, повелете утре во културниот центар Точка во 20 часот.

петок, април 25th, 2008

Ubuntu 8.04 и Ubuntu во Македонија

Како што можеби повеќето од вас и веќе знаат, денес беше објавена новата верзија на Ubuntu 8.04 (Hardy Heron). И оваа верзија доаѓа со солидни подобрувања и подобрен македонски превод. За тура низ новите подобрувања кликнете тука. За жал се уште има некои преводи кои што не се влезени во официјалните последни пакети за 8.04 но истите би требало да бидат додадени уште веднаш со наредната надградба на пакетот кој што ги содржи македонските преводи.

Што се однесува до грешките, досега успеавме да најдеме само една која што некако ни се протна при тестирањето. Се работи за Nautilus. Кога сакате да ископирате папка која што содржи датотеки, Nautilus се рестартира. Проблемот беше во преводот а веќе го лоцираше и го поправи, Јове д мен. Фала Јове! :) Повеќе околу тоа како да го решите овој проблем тука.

Ако кликнавте на последната врска приметивте дека води до форум за Ubuntu на македонски јазик. Форумот се вика Ubuntu за Македонија“ и е дел од идејата што ја имав од поодамна за отворање на некоја нова средина на интернет каде што би можеле да се сретнат поискусните корисници со почетниците, секако за да им помогнат. Голема благодарност до Стама и Новица што помогнаа околу преведувањето на форумот, но се уште ни е потребна помош во тој домен, така да доколку сакате да помогнете да ги расчистиме преостанатите проблеми, регистрирајте се и пријавувајте грешки во одделот „За Форумот“. Сега за сега би сакал со помош на заедницата да пробаме да го направиме овој форум што е можно попријателско и поинтересно место на интернет за сите заинтересирани, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите понатаму.

logo.gif

Сакав да напишам еден подолг пост на оваа тема каде што сакав подетално да ги образложам моите идеи за започнување на овој форум но и тоа ќе го оставам тоа за понатаму.

Во меѓувреме, симнете си го новото Ubuntu или пак надградете го од локалното огледало.

Ако имате било какви проблеми, прашајте на форумот. :)

сабота, април 19th, 2008

Перфектна надградба

Пред неколку саати направив dist-upgradе од Ubuntu Gutsy на RC изданието на Hardy и можам да кажам дека ова беше досега најбеспрекорната надградба на Ubuntu. Почнав со заменување на складиштата во /etc/apt/sources.list.

 

sudo sed -i 's/gutsy/hardy/' /etc/apt/sources.list

 

За оваа надградба решив да одам со update-manager бидејќи читав дека бил доста подобрен и дека многу луѓе го користат за надградба на Ubuntu:

 

update-manager -d

 

…по што ми се појави овој прозорец:

 update-manager.png

Само да појаснам, ова значи дека за некои пакетите што ги имате инсталирано на тековниот систем не може да биде најдена соодветна надградба, јас имав инсталирано mugshot поради кој што и го добив предупредувањево. Откако ќе изберете „Парцијална надградба“ надградбата треба да почне.

distupgrrr.png

Преземање и инсталација на новите пакети.

clean.png

Расчистување на непотребните/застарените пакети.

update-manager-2.png

И конечно, надградбата е успешно завршена.

Се што направив после ова беше рестартирање на системот. Ubuntu Hardy се подигна без никаков проблем. Неколку пати со некои постари верзии на Ubuntu ми се има случувано системот воопшто да не се подига по надградба на дистрибуцијата, некогаш да не можам да се најавам во GNOME или пак да не работи GDM, но овојпат немав никакви проблеми. Откако се подигна GNOME сите апликации ми беа тука и си функционираа како и пред надградбата. Навистина перфектна надградба.

GNOME 2.22

Досега и повеќе од еднаш имам пишувано за GNOME 2.22, но две закон работи што морам да ги спомнам во ова издание а што мислам дека досега ги немам спомнато се Cheese и Phone Manager (a.k.a gnome-phone-manager, кој што досега не ми работеше со Nokia 5300). Поради некоја глупа причина Cheese не доаѓа стандардно со Hardy но можете многу лесно да го инсталирате бидејќи е достапно во стандардните складишта за Hardy. Се прашував what is all the fuzz about Cheese но ми стана јасно откако го инсталирав и пуштив првиот пат.

cheese.png

Cheеse е д ултимејт најзакон програмче за максимално искористување на вашата веб камера. Cheese слика и снима видеа а најинтересно е што нуди десетина ефекти кои што го прават целото искуство многу повесело. Можеби не изгледа како многу од сликава но инсталирајте го и уверете се сами.

Што се однесува до Phone Manager-от, тоа е едно мало програмче кое што можете сериски, преку USB, IrDa или преку Bluetooth да го поврзете со вашиот телефон. Овозможува праќање на пораки, добивање на пораки во вид на балонче за известување (благодарение на libnotify) и понекогаш ве известува и за некои корисни работи како на пример дека батеријата на мобилниот ви е само 4% полна и слично.

gnomephonemanager.png

Од тоа што имав можност да го видам до сега преводите во Hardy се океј. Можно е македонскиот тим за локализација на Ubuntu наскоро да издаде и пакет со поправени преводи бидејќи истите ќе ги чекаме со месеци од Canonical поради спориот процес на увезување на поправените преводи во нивниот систем.

Сега за сега сум задоволен од ова ново издание и мислам дека Ubuntu се уште останува наједноставната и најсредената GNU/Linux дистрибуција во моментов, секако погодна и за широките маси на нон-ub3r-g33k корисници.

четврток, март 13th, 2008

GNOME 2.22

Излезе GNOME 2.22. Ова издание е посветено на трагично загинатиот Raphael Higino, долгогодишен придонесувач во бразилскиот тим за превод на GNOME.

gnome2.png

Што е ново во 2.22?

  • GVFS и GIO
    - цели да обезбеди модерен VFS систем кој е лесен за употреба. Неговата цел е да обезбеди API кое развивачите ќе го преферираат над POSIX IO повиците. Наместо да го клонира POSIX IO API-то, GVFS овозможува интерфејс од повисоко ниво кој е центриран околу документи
  • Интеграција со PolicyKit
    - се работи за нов повеќеплатформски безбедносен фрејмворк. Целта на PolicyKit е да овозможи начин за корисничките апликации да добијат додатни привилегии, на пр. административните апликации.
  • Anjuta (интегрирана развојна околина)
    - отсега интегрирана во GNOME. На развивачите им овозможува многу опции како што се: вграден дебагер, интегриран уредувач на кориснички интерфејс и Valgrind интерфејс.
  • Локализација
    - GNOME 2.22 е повторно 100% преведен на македонски јазик благодарение на македонскиот тим за локализација.

За повеќе можете да ги проверите белешките за изданието на македонски.

Доколку сакате да пријавите грешки во македонскиот превод на GNOME 2.22 тоа можете да го направите на http://bugs.softver.org.mk.

Уживајте!


GNU GPL License

Содржината на овој блог е објавена под GPL лиценцата, верзија2. За пократко објаснување кликнете тука.